Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности рече дека доставил предлог за намалување на надоместоците, со што наскоро цените би требало да се намалат и до 75 отсто
Доколку сега склучите договор за купопродажба на стан, треба да се изврши упис во катастарот на четири имотни листа – за станот, земјиштето под зградата, заедничките простории и паркинг-местото, за што во моментот се плаќа 5 000 денари, но со предложените измени граѓаните ќе треба да платат 1 250 денари по правен основ, вели директорот на Агенцијата за катастар, Иван Живковски.
„По завршувањето на потребната законска постапка, граѓаните наскоро ќе можат да ги добијат услугите на Агенцијата по пониски цени, намалени и до 75 проценти. Предлогот доаѓа како одговор на бурните реакции во јавноста по зголемувањето на цените во февруари 2024 година од страна на претходното раководство“,
рече Живковски.
Живковски вели и дека намалување ќе има и кај оставинските постапки и договорите за подарок, каде што наплатата ќе биде 1 250 денари по правен основ за една катастарска општина, без оглед на бројот на имотните листови во катастарска општина, а не како што е сега праксата, да се плаќа 1 250 денари по имотен лист.
Директорот на Агенцијата посочи дека институцијата има важна улога во регулацијата и развојот на гео-просторната инфраструктура, урбанистичкото планирање и пазарот на недвижности. Кажа и дека предложените намалувања на цените се само вовед во најголемата реформа и модернизација на катастарот на недвижностите во државата.