Според неа, сега е време за вооружување, а Европа е подготвена масовно да ги зголеми своите одбранбени инвестиции, краткорочно да ѝ помогне на Украина, но и долгорочно да преземе одговорност за сопствената безбедност
Безбедноста на Европа е загрозена на многу реален начин, вели претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која денеска претстави план од пет точки за вооружување на Европа, кој може да мобилизира речиси 800 милијарди евра за одбрана.

„Ова е час на Европа и ние мора да бидеме на висина на предизвикот. Се наоѓаме во ера на повторно вооружување и Европа е подготвена да ги зголеми трошоците за одбрана“,
рече таа презентирајќи го планот што го предлага пред лидерите на земјите-членки на Европската Унија кои ќе се соберат на вонреден самит в четврток.
Според неа, сега е време за вооружување, а Европа е подготвена масовно да ги зголеми своите одбранбени инвестиции, краткорочно да ѝ помогне на Украина, но и долгорочно да преземе одговорност за сопствената безбедност.
„Европа е подготвена да преземе одговорност, може да мобилизира близу 800 милијарди евра одбранбени трошоци за безбедна и издржлива Европа“,
вели Фон дер Лајен.
We are living in dangerous times.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) March 4, 2025
Europe‘s security is threatened in a very real way.
Today I present ReArm Europe.
A plan for a safer and more resilient Europe ↓ https://t.co/CYTytB5ZMk
Со првата точка од планот за „Ревооружување на Европа“ им се дозволува на земјите-членки да ги надминат правилата што предвидуваат дека буџетскит дефицит не смее да надминува три отсто од БДП. На тој начин, земјите-членки ќе можат да ја надминат границата на буџетскиот дефицит доколку овие средства се потрошат за одбрана.
„Доколку земјите-членки ги зголемат трошоците за одбрана во просек за 1,5 отсто од својот БДП, ова ќе создаде фискален простор од близу 650 милијарди евра во период од четири години“,
кажа претседателката на ЕК.
Втората точка од планот предвидува нов инструмент од 150 милијарди евра заеми на земјите-членки за инвестиции во одбраната. Овие средства ќе бидат искористени за воздушна и ракетна одбрана, артилериски системи, беспилотни летала со ракети и муниција и системи за антидронови, како и за решавање на други потреби од сајбер до воена мобилност.
„Ова ќе им помогне на земјите-членки да купуваат заедно, а со оваа опрема тие можат масовно да ја зголемат поддршката за Украина. Заедничките набавки би им овозможиле помали трошоци, намалување на фрагментацијата и зајакнување на индустриската база“,
вели Фон дер Лајен.
Третата точка се однесува на користењето на буџетот на ЕУ за инвестиции во одбраната. Тука, претседателката на ЕК посочи дека ќе им предложи на земјите-членки сами да одлучат дали сакаат да ги користат кохезивните фондови за одбрана.
Четвртата и петтата точка се однесуваат на привлекување приватен капитал за вложување во одбранбени потреби преку т.н. Унија за штедење и инвестиции, како и вклучување на Европската инвестициска банка во обезбедување на средства за зајакнување на одбраната.