По приведувањето, 52-годишниот сопруг е спроведен во Психијатриската болница во Бардовци. Гостиварското обвинителство отвори истрага и побара притвор

Четириесет и двегодишната жена од гостиварското село Топлица, која вчера беше тешко повредена во напад за кој е осомничен нејзиниот сопруг, е свесна и може да комуницира. Таа останува на интензивно лекување на КАРИЛ во Скопје, изјави директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски.
„Во моментов се наоѓа во стабилна состојба и е свесна и контактибилна“, изјави Мерџановски за здравствената состојба на пациентката.
Жената прво добила медицинска помош во гостиварската болница, а вчера во 18:08 часот била примена во Ургентниот хируршки центар во Скопје со повреди на главата и на градниот кош. Според Мерџановски, прегледите покажале дека има четири скршени ребра, од седмото до десеттото, делумен пневмоторакс, мал излив на течност во градниот кош и насобрана крв под тврдата мозочна обвивка.
Полицијата го привела нејзиниот сопруг М. М. (52) вчера во 14:10 часот. При приведувањето тој дал отпор и повредил еден полициски службеник, изјави портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи. Потоа бил спроведен во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци.
Основното јавно обвинителство Гостивар денеска отвори истрага против М. М. поради сомнение за обид за убиство при семејно насилство. Според Обвинителството, на 27 ноември, во семејниот дом во Топлица, осомничениот ја нападнал сопругата со физичка сила и со остар предмет. Ѝ нанел убодни рани и скршеници на повеќе ребра. Случајот го пријавил таткото на осомничениот, а полицајците ја затекнале жената без свест.
Обвинителот побарал од судијата на претходна постапка да му одреди притвор на осомничениот поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и ризик да го доврши делото.
