Градоначалникот вели дека со колегите од скопските општини се договориле да има една прослава во главниот град

Новогодишното украсување на Скопје ќе заврши меѓу 10 и 15 декември, а главната новогодишна прослава ќе се одржи на градскиот плоштад, со настапи на македонски изведувачи и без огномет, најави вечерва скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Тој нагласи дека градскиот тим се уште работи на финализирање на празничната програма, која освен главната ноќ, ќе опфати и новогодишни базари и дополнителни настани на градскиот плоштад. Особено задоволство изрази што сите скопски градоначалници се солидаризирале околу идејата да се организира една заедничка прослава во центарот на градот.
„Главната прослава ќе биде на градскиот плоштад и тука ми е драго што се солидаризираат и колегите, за разлика од минатото, сите скопски градоначалници, да имаме една прослава во главниот град, така му личи на градот“,
рече Ѓорѓиевски.
Тој најави дека и годинава, како и минатата, програмата ќе биде составена исклучиво од македонски изведувачи, но дека имињата сè уште не се утврдени.
„Одлучивме оваа година да одиме, како и минатата, со исклучиво македонски изведувачи. Ние имаме богата културна сцена. Не сме ги утврдиле сè уште имињата, но мислам дека ќе биде достоинствен пречек на Новата година“,
изјави градоначалникот.
Во врска со можноста за организирање огномет за новогодишната ноќ, Ѓорѓиевски рече дека е донесена одлука тој да не биде дел од прославата, имајќи ги предвид различните мислења во јавноста за употребата на пиротехника.
„Да нема прашања во јавноста наредниов период, да најавам дека огномет нема да има. Има поделени мислења кога станува збор за огнометот за новогодишната ноќ, но одлучивме да нема огномет“,
рече Ѓорѓиевски.
Во однос на новогодишното украсување, градоначалникот информира дека е избран оператор преку транспарентна постапка. За подеталните информации за постапката и избраниот изведувач, тој ги упати медиумите до системот за јавни набавки, посочувајќи дека податоците се јавно достапни и дека Градот може дополнително да ги достави.
Ѓорѓиевски рече дека очекува годинашното украсување да биде поспектакуларно во споредба со претходните години. Посочи дека во минатото имало забелешки за доцнење со украсувањето, наведувајќи дека се случувало главниот град да се украсува дури на 30 или 31 декември.
