Според руската Федерална служба за безбедност, таа дејствувала против безбедноста на Русија и ја поддржувала украинската армија додека била во САД
Таа била приведена во Екатеринбург, истиот град во кој кон крајот на март лани беше уапсен американскиот новинар Еван Гершкович под обвинение за шпионажа
Жена со двојно, американско и руско, државјанство е приведена во Русија под сомнение за предавство и собирање финансиска помош за војската на Украина, објави Би-би-си.
Според соопштението на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), жената чиј идентитет не се открива, живеела во Лос Анџелес и собирала средства за украинска организација чиј краен корисник биле вооружените сили на Киев.
Таа, исто така, била обвинета и за присуство на проукраински митинзи во Соединетите Американски Држави (САД).
Триесет и тригодишната жена, според британскиот национален сервис, била приведена во градот Екатеринбург.
Од ФСБ соопштиле дека приведената жена собирала пари за украинска организација, чие име не се наведува, од февруари 2022 година, кога Русија ја започна воената агресија врз Украина.
Средствата, како што се додава, потоа биле користени за купување медицински материјали, опрема, оружје и муниција за украинската армија.
На видеоснимка споделена од руската државна новинска агенција РИА новости се гледа како жената, чија горна половина од лицето од покриена со капа, а потоа и замаглено, е придружувана од униформиран припадник на ФСБ. На видеото се гледа и како офицерот на руската тајна служба ѝ става лисици на рацете и ја внесува во автомобил, а потоа е прикажано како жената се наоѓа во ќелија во судница.
Според руската Федерална служба за безбедност, таа дејствувала против безбедноста на Русија и ја поддржувала украинската армија додека била во САД.
Инаку, во април лани рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој максималната казна за предавство беше зголемена до доживотен затвор, од 20 години, како дел од мерките за замолкнување на неистомислениците.
Жената, според ФСБ, била приведена во Екатеринбург, град оддалечен околу 1 600 километри источно од Москва. Станува збор за истиот град во кој кон крајот на март лани беше уапсен американскиот новинар Еван Гершкович под обвинение за шпионажа.
Гершкович во тоа време работеше за „Волстрит џурнал“. Во јануари годинава руските власти му го продолжија притворот до крајот на март, а ако биде прогласен за виновен му се заканува затворска казна до 20 години.
Владата на САД тврди дека Гершкович е приведен по грешка и бара негово ослободување.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела за време на интервјуто со американскиот водител Такер Карлсон рече оти верува дека може да се постигне договор за ослободување на Гершкович.
Инаку, уште неколку други американски државјани во моментов се наоѓаат во затвор во Русија, а меѓу нив е и поранешниот маринец Пол Вилан, кој е во затвор во Русија од 2018 година. Тој отслужува 16-годишна затворска казна поради обвинение за шпионажа.