Патниот и товарниот железнички сообраќај и денеска е во прекин поради штрајк на машинскиот персонал во „Железници – транспорт“.
Тие бараат зголемување од 30 до 40 проценти на надоместот на плата, што според нив им следува согласно Колективниот договор за дополнителна работа и работење со намален број на извршен персонал.
За раководството на претпријатието прекинот на железничкиот сообраќај е незаконски. Во соопштението што вчера беше испратено до јавноста е наведено дека во изминатиот период се одржани повеќе состаноци со синдикатот на кои било укажано дека побарувањата од машинскиот и извршен персонал за зголемување од 30 на 40 проценти на надоместот на плата за квалитет, се надвор од финансиските можности на Друштвото.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вчера апелираше машиновозачите да продолжат со работа, притоа нагласувајќи дека е подготвен повторно да преговара со нив, но не по цена на уцени и нарушување и штета на работењето.