Евроамбасадорот во заминување, Самуел Жбогар, преку социјалните мрежи вечерва порача дека македонскиот јазик е уште еден спомен што ќе го однесе со себе дома по четиригодишниот мандат.
„Доаѓа од истата група јазици како и словенечкиот, но никој не може да го разбере по автоматизам. Затоа се вратив во училиште. Секогаш е добро да се знае (идниот) официјален јазик на ЕУ“,
напиша Жбогар на Твитер, споделувајќи фотографија на која е седнат на школска клупа со група од неколку деца.
Ова е 27-ма објава по ред на евроамбасадорот, кој на еден месец пред заминувањето порача дека преку 30 фотографии ќе се осврне на сеќавањата од последните четири години поминати во земјава.
На негово место треба да дојде Дејвид Гер кој во јуни годинава беше номиниран од страна на шефот на европската дипломатија Жосеп Борел.