Според податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), епицентарот на земјотресот е регистриран на 78 километри југоисточно од Ираклион на длабочина од 10 километри

Земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала утрово е регистриран во морскиот дел јужно од грчкиот остров Крит.
Според податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), епицентарот на земјотресот е регистриран на 78 километри југоисточно од Ираклион на длабочина од 10 километри.
Земјотресот се случил во 6:18 часот по локално време.
Локалните жителите за грчките медиуми изјавиле дека земјотресот траел долго.
Десетина минути подоцна, според податоците на ЕМСЦ, бил регистриран уште еден потрес кој бил со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот на овој земјотрес бил на 98 километри југоисточно од Ираклион.
Заменик-гувернерот на Ласити, Јанис Андроулакис, по земјотресот, изјави за државната телевизија ЕРТ дека потресот бил почувствуван низ целиот Источен Крит.
„Чекаме да видиме дали има какви било проблеми. Веќе ја ставивме цивилната заштита на Регионалната единица во состојба на готовност, па чекаме развој на настаните. Беше долго, навикнати сме на земјотреси воопшто и им веруваме на сите градежни прописи што постојат. Но, има и области со постари куќи, каде што во соработка со општините ќе видиме дали има проблем“,
рече тој.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) професорот Ефтимиос Лекас за ЕРТ посочи дека освен на Крит земјотресот бил почувствуван и на соседните острови Касос и Карпатос.
