„Ако на Путин не му е удобно да има билатерален состанок или ако сите сакаат тоа да биде трилатерален состанок, немам ништо против. Подготвен сум за кој било формат“, рече украинскиот претседател откако Путин одби да се сретне со него во Турција
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен за тројна средба меѓу него, американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

Тој ова го кажа откако рускиот претседател одби да се сретне со Зеленски во Турција претходно овој месец, а Кремљ соопшти дека средбата меѓу двајцата лидери ќе се случи само откако ќе се постигне некаков договор.
„Ако на Путин не му е удобно да има билатерален состанок или ако сите сакаат тоа да биде трилатерален состанок, немам ништо против. Подготвен сум за кој било формат. Подготвени сме за средба на ниво на лидери. Американската и руската страна го знаат ова. Подготвени сме за форматот Трамп – Путин – јас и подготвени сме за форматот Трамп-Путин, Трамп-Зеленски, а потоа ние тројцата“,
рече Зеленски во изјава за новинарите.
Украинскиот претседател дополнително го повика Вашингтон да воведе построги санкции за Москва.
„Чекаме санкции од Соединетите Американски Држави. Трамп потврди дека ако Русија не запре, ќе бидат воведени санкции. Со него разговаравме за два главни аспекта – енергетиката и банкарскиот систем. Дали САД ќе можат да воведат санкции врз овие два сектора? Многу би сакал“,
додаде тој.
Зеленски претходно изрази фрустрација кон Вашингтон што не објави нови санкции кон Москва откако Русија го отфрли координираниот апел на Западот за итен прекин на огнот.