На видеото објавено на платформата Икс се гледа како голем авион паѓа кон земјата и експлодира
Русија си игра со животите на украинските затвореници, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски по вчерашната авионска несреќа во која се урна руски воен транспортен авион во регионот Белгород во близина на границата со Украина, пренесува „Би-би-си“.

Тој побара меѓународна истрага за овој случај и посочи дека мора да се утврдат сите факти за несреќата.
„Очигледно дека Русите си играат со животите на украинските затвореници, со чувствата на нивните роднини и со емоциите на нашето општество“.
рече Зеленски.
Русија соопшти дека во авионската несреќа нема преживеани откако Киев го собори авионот ИЛ-76 со 65 украински воени заробеници, шест члена на руски екипаж и тројца придружници.

Москва тврди дека Украинците биле пренесувани за размена на затвореници.
Украинското воено разузнавање, пак, соопшти дека не им било кажано да обезбеди безбеден воздушен простор, како во претходните ситуации за најавена размена на затвореници.
На видеото објавено на платформата Икс се гледа како голем авион паѓа кон земјата и експлодира.
???Russian military plane crashes in Belgorod region, many feared dead
— EUROPE CENTRAL (@europecentrral) January 24, 2024
Note–raw video update#Russia #planecrash #Belgorod #BreakingNews #JUSTIN pic.twitter.com/HyGKtSd7cL
Регионалниот гувернер на Белгород, Вјачеслав Гладков, изјави дека авионот се урнал во поле во близина на станбена зона и дека во авионот нема преживеани.
Генералштабот на Украина, цитиран од веб-страницата „Украинска правда“, првично соопшти дека авионот превезувал ракети за руските системи за воздушна одбрана С-300.
Военото разузнавање на Украина соопшти дека е одговорност на Русија да ја обезбеди безбедноста на украинските бранители според постигнатите договори.
Во оваа пригода се вели оти не било информирано дека воздушниот простор мора да се чува во одредено време, што е нешто што се случило во многу наврати претходно.
„Ова укажува на намерни дејствија на Русија кои имаат за цел да ги стават под закана животите и безбедноста на воени лица“,
велат од военото разузнавање на Украина.
Според Би-би-си, Русија го користи нападот врз авионот за да се обиде да ја прикаже Украина како агресор, иако Русија била таа што започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Украина и Русија учествуваа во голем број операции за размена на затвореници од почетокот на војната. Најголемата размена на затвореници се случи на почетокот на овој месец, кога Украина ослободи 248 руски воени заробеници, а Русија ослободи 230 луѓе во договор со посредство на Обединетите Арапски Емирати.
Според украинскиот штаб за координација за третман на воени лица, повеќе од 8 000 Украинци, цивилни и воени, сè уште се задржани во Русија, а десетици илјади други сè уште се водат како исчезнати.
Белгород, кој се наоѓа на околу 40 километри северно од границата со Украина, претрпе десетици жртви од воздушни напади и беспилотни летала од почетокот на војната во Украина.
Во меѓувреме, руските воздушни напади се интензивираа во последните недели.
Пред два дена 18 лица загинаа, а 130 беа повредени во ракетните напади врз украинските градови.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров предупреди дека украинските сили страдаат од недостиг на муниција, како и дека Русија употребила повеќе од 600 проектили и повеќе од 1 000 беспилотни летала во последните два месеци.
Украина најмногу се бори со помош на беспилотни летала. Изминатиот викенд, напад со дрон предизвика експлозија на голем терминал за извоз на гас во близина на градот Санкт Петербург.