Во првите моменти по состанокот, на својата социјална мрежа „Трут соушл“, американскиот претседател му порача на Зеленски да се врати кога ќе биде подготвен за мир
По тензичната расправа со американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја напушти Белата куќа.

Тој, како што јавува Си-ен-ен, заминал без да го потпише договорот за минерали кој беше најавено дека ќе го склучи со својот американски колега. Дополнително, Белата куќа објави дека предвидената прес-конференција меѓу Зеленски и Трамп е откажана по напнатата средба на двајцата претседатели во Овалната соба.
Во првите моменти по состанокот, во објава на својата социјална мрежа „Трут соушл“, американскиот претседател Доналд Трамп му порача на Зеленски да се врати кога ќе биде подготвен за мир.
„Неверојатно е она што излегува од емоциите. Утврдив дека претседателот Зеленски не е подготвен за мир доколку Америка е вклучена, бидејќи верува дека нашето учество му дава голема предност во преговорите. Не сакам предност, сакам мир. Тој не ги почитуваше САД за време на состанокот во Овалната соба. Може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“, рече Трамп.
Средбата меѓу американскиот и украинскиот претседател помина во напната и тензична атмосфера. Разговорот се претвори во расправа за природата на американската поддршка за Украина, но и за тоа дали Зеленски покажал доволно благодарност за помошта од САД. Трамп и Венс наизменично му префрлаа на Зеленски оти не е доволно благодарен и го обвинија оти ризикува да започне Трета светска војна.