Соединетите Држави минатата недела усвоија пакет помош од 61 милијарда долари, со што ставија крај на неколкумесечниот застој во Конгресот, подигајќи ги надежите во Киев дека нивните критично исцрпени залихи од артилериски гранати наскоро ќе бидат надополнети
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека виталното американско оружје почнува да пристигнува во Украина во мали количини и дека процесот мора да се движи побрзо бидејќи руските сили кои напредуваат, се обидуваат да го искористат тоа.
На заедничката прес-конференција во Киев со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, Зеленски рече дека ситуацијата на бојното поле директно зависи од брзината на испорака на муниција во Украина.
„Навремена поддршка за нашата армија… И денеска не гледам ништо позитивно по тоа прашање, има залихи, тргнаа по малку, но тој процес треба да се забрза“,
рече тој.
Соединетите Држави минатата недела усвоија пакет помош од 61 милијарда долари, со што ставија крај на неколкумесечниот застој во Конгресот, подигајќи ги надежите во Киев дека нивните критично исцрпени залихи од артилериски гранати наскоро ќе бидат надополнети.
Врховниот командант на Украина во неделата изјави дека украинските сили се повлекле од три села на истокот.
„Руската армија сега се обидува да ја искористи ситуацијата додека чекаме залихи од нашите партнери. Токму затоа брзината на испорака значи стабилизација на фронтот. Русија се подготвува за офанзивни акции“,
рече Зеленски.
Украинскиот лидер, исто така, ја истакна потребата од испорака на софистицирани системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, со кои Киев сака да се спротивстави на руските ракетни напади со долг дострел и нападите со беспилотни летала.
Зеленски рече дека Киев постигнал одреден напредок во набавката на залихи на проектили за системот „Патриот“, но дека сè уште работи на набавка на нови фрлачи кои ги истрелуваат ракетите.