Покрај казната затвор, поранешниот генерален секретар, според пресудата, ќе треба да ја надомести и штетата нанесена на Буџетот на државата во износ од 71 338 336 денари или околу 1 150 000 евра, што е за околу 300 000 евра помалку од сумата што за надомест на штета ја бараше државното правобранителство. Штетата Зеќири треба да ја надомести во рок од шест месеци од правосилноста на пресудата
„Мислам дека одлуката е неоснована. Ќе ја обжалиме одлуката бидејќи во текот на целиот процес никаде и во ниту еден момент не беше докажана моја умисла во склучувањето на договорите, затоа што јас само сум спровел умисла на други, односно на Владата, кои беа предложени од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи“, изјави за медиумите поранешниот генерален секретар на Владата по изрекувањето на пресудата
Основниот кривичен суд Скопје денеска го прогласи за виновен и го осуди на две години и шест месеци затворска казна поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири кому му се судеше за склучување два договори за консултантски услуги без да спроведе соодветна постапка за јавни набавки.

Пресудата ја донесе судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска која го водеше судскиот процес против поранешниот генерален секретар на Владата.
Зеќири е осуден за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, односно според членот 353 став 4 од Кривичниот законик за кој со последните измени на Законикот е предвидена казна од една до пет години.
Поранешниот генерален секретар на Владата е прогласен за виновен затоа што во постапка за јавни набавки склучил два директни договори за консултантски услуги со две фирми за длабинско снимање на „Пошта на Република Северна Македонија и за евентуална приватизација на „Железници – Транспорт“, со што со што нанел штета на буџетот.
„Судот во името на граѓаните на Република Северна Македонија донесе пресуда: Обвинетиот Мухамед Зеќири виновен е затоа што во периодот од месец април 2012 година до месец март 2022 година, обвинетиот во својство на службено лице генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно сторување на исто дело“,
наведе судијката читајќи ја пресудата.
Според пресудата, која пред јавноста ја прочита судијката и во која во детали ги наведе дејствијата кои ги презел, во затворската казна на Зеќири му се пресметува и времето што го помина во затворски и во куќен притвор.
Доколку пресудата биде потврдена и од Апелацискиот суд, на Зеќири ќе му остане да отслужи уште околу една година од изречената затворска казна, имајќи предвид дека во притвор помина околу 18 месеци, односно од 4 април 2022 година до 24 октомври оваа година.
Покрај казната затвор, поранешниот генерален секретар, според пресудата, ќе треба да ја надомести и штетата нанесена на Буџетот на државата во износ од 71 338 336 денари или околу 1 150 000 евра, што е за околу 300 000 евра помалку од сумата што за надомест на штета ја бараше државното правобранителство. Штетата Зеќири треба да ја надомести во рок од шест месеци од правосилноста на пресудата.
Тој, исто така, ќе треба да ги надомести трошоците за кривичната постапка и оние за изготвените вештачења во износ од околу 40 илјади денари.

Судот во пресудата го одби барањето на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за конфискација на недвижен и движен имот, односно стан и пари пронајдени во сефот на неговата сопруга во една од комерцијалните банки.
Како што појасни судијката Јанчулева-Махиловска, недвижниот имот, односно станот и парите биле од период пред Зеќири да го изврши кривичното дело за кое е осуден.
Таа во образложението на пресудата наведе дека поради вредноста на договорите поранешниот генерален секретар морал да спроведе соодветна постапка за јавна набавка.
„Судот при одлучувањето имаше во предвид дека вредноста на договорите за јавна набавка е директно поврзано со вредносните прагови за задолжителна примена на Законот за јавните набавки. Во класичниот јавен сектор минималниот праг изнесува 1 000 евра по поединечна набавка на стоки и услуги, а во секторските дејности 2 000 евра. Генералниот секретар како законски стварно надлежен да спроведува постапки за јавни набавки при склучувањето на предметните договори имал целосна автономија, максимално независно да избере и спроведе соодветна постапка за јавна набавка од членот 47 од Законот за јавните набавки, но немал овластување да го исклучи спроведувањето на таква постапка. Обврската за дисциплина при склучувањето на договорите со користење на процедуралното правила од соодветна постапка за јавна набавка и со почитување на основните начела за јавните набавки произлегува од вредноста на договорите, од специфичноста на набавките, но ја наметнува и јавниот интерес, односно заштитата на интересот на корисниците на транспортните и поштенските услуги. Бидејќи АД ‘Пошта’ и АД ‘Железници на РСМ – транспрот’ се субјекти кои обезбедуваат јавни услуги“,
рече судијката во образложението на пресудата.
Спроведувањето на јавна набавка, како што посочи таа, не е само обична форма, туку гаранција за заштита од произволност при набавката на стоки и услуги.
„Сторувањето на кривичното дело не само што е спротивно на јавноправниот карактер на функцијата генерален секретар, како прв човек на службата за помош на Владата, туку создава недоверба во власта и во носителите на јавни функции“,
рече Јанчулева-Михаиловска.

Како олеснителни околности, судот, посочи таа ги ценел личните, семејните и материјалните прилики на обвинетиот и тоа што не е „креатор на идејата на потребата за започнување на постапка за јавно-приватно партнерство или продажба на АД „Пошта на РСМ“ и на „Железници – транспорт“, туку го одбрал само начинот на склучувањето на договорите.
„Судот не занемари дека физибилити студиите содржат корисни насоки и сугестии како што произлезе од исказите на сведоците на одбраната кои се актуелни носители на јавни функции и се упатени во тоа. А го ценеше и достоинственото однесување на обвинетиот како поранешен носител на функцијата генерален секретар на Владата“,
посочи судијката при образложувањето на пресудата.
Поранешниот генерален секретар на Владата, Зеќири по изрекувањето на пресудата во изјава за медиумите рече дека таа е неоснована и дека ќе ја обжали пред второстепениот суд.
„Мислам дека одлуката е неоснована. Ќе ја обжалиме одлуката, бидејќи во текот на целиот процес никаде и во ниту еден момент не беше докажана моја умисла во склучувањето на договорите, затоа што јас само сум спровел умисла на други, односно на Владата, кои беа предложени од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи“,
рече Зеќири.

Прашан во врска со образложението на судијката дека во случајот не смеел да склучи директен договор, туку морало да спроведе постапка за јавна набавка рече дека никој во Владата, ниту советниците ниту правните стручњаци од секторите не се укажале дека не треба да го потпише тој договор.
„Јас споменав и во мојот завршен збор дека примерите во Владата кога се задолжува генералниот секретар експлицитно се наведува кога е во прашање спроведувањето на јавна набавка. Во овој случај не беше, а исто така и советниците правни во Владата не се спротивставија, односно не бев јас тој што ги гледаше договорите. Таму ги гледаа правни стручњаци во Владата во секторите во коишто работата и кои во ниту еден момент не ми укажаа дека јас не треба да го потпишам тој договор“,
изјави поранешниот генерален секретар во Владата.
Судскиот процес против Зеќири почна кон средината на декември 2022 година, но во неколку наврати стартуваше од почеток – во април годинава поради истек на време меѓу две рочишта и промена на членови на Судечкиот совет, а во октомври поради преквалификација на делото согласно измените на Кривичниот законик од 6 септември.
Во завршните зборови Зеќири побара од судот ослободителна пресуда која како што рече ќе им стави крај на „мојата агонија и страдањата, но и на членовите на моето семејство кои 593 дена живеат живот во тешка сенка надвисната над нив, како колатерална штета на ова обвинение и процес“.