„Оваа победа, доколку Владата си остане доследна на најавата, е пример како организиран и обединет отпор од професионалци поддржан од јавноста може да предизвика сериозни системски промени и да ги поттикне на акција носителите на одлуки“, велат од „Замисли“, основано од невладината „Солуција“, чиј претседател е поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров
Граѓанската сила „Замисли”, основана од невладината „Солуција“, чиј претседател е поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, ја поздрави владината одлука за разрешување на целокупното раководство на М-НАВ и ja поддржа битката против партицација во оваа институција која ја предводи Синдикатот на контролорите на летање на чело со претседателот Александар Тасевски.
„Оваа победа, доколку Владата си остане доследна на најавата, е пример како организиран и обединет отпор од професионалци поддржан од јавноста може да предизвика сериозни системски промени и да ги поттикне на акција носителите на одлуки“,
посочуваат од ,,Замисли”.

За насилниот упад во М-НАВ, пак, оттаму велат дека мора да има правна разврска и кривична одговорност.
„Битката за професионалност во М-НАВ е битка на сите нас, за држава на граѓаните, а против држава разбрана како сопственост на политичко-криминални групации. Таа битка се води постојано и не треба да се чекаат криминални и насилни упади или ескалација на состојбите за да се преземат мерки, особено ако се има предвид дека Синдикатот алармираше за овие процеси од многу одамна. Овој Синдикат, воедно стана и симбол на професионален интегритет и пример за пркос против партизацијата, која освен што ги подрива институциите, почна да биде и директна закана за безбедноста и животот на граѓаните“,
додаваат од „Замисли“.
Поважно од кога било, посочуваат од здружението, е вистинските луѓе да бидат на вистинските места. Додаваат дека без јасна линија меѓу државата и партијата – без да се знае каде завршува партијата, а почнува државата – нема да има ниту држава ниту иднина.