Подморницата, која е долга 68 метри и има шест цевки за торпедо, е последната од шесте што германската компанија ТКМС ги произведе за Израел
Израел ќе додаде уште една подморница од германско производство во својата флота во наредните денови, пренесоа светските медиуми. Станува збор за ИНС Дракон (INS Drakon), подморница од класата „Делфин 2“ (Dolphin 2), произведена од германската компанија ТКМС (TKMS).

Подморницата во вторникот (1 септември) го напуштила бродоградилиштето во Кил во Германија, го поминала Килскиот канал и е на пат кон Израел, соопштиле од германската компанија.
Подморницата, која е долга 68 метри и има шест цевки за торпедо, е последната од шесте што германската компанија ги произведе за Израел.
Израелскиот амбасадор во Германија, Рон Просор истакнал дека испловувањето на подморницата кон Израел се совпаднал со првиот тест на израелската ракета „Лора“ од страна на германската морнарица.
„Ова не е случајност, туку резултат на тесна стратешка соработка и партнерство што расте со текот на годините. Како рамноправни партнери, стоиме рамо до рамо и се соочуваме со заеднички предизвици“,
изјавил тој за германската новинска агенција ДПА.
Извозот на германски подморници во Израел е клучен проект на германско-израелската воена соработка и трае со години.
Сепак, таквата соработка се соочува со критики од експерти кои предупредуваат дека подморницата може да биде опремена со нуклеарно оружје, но и со општи критики кои се однесуваат на воените акции на Израел во Газа.
Израелската војска објави дека подморницата плови кон северното пристаниште Хаифа.
Инаку, израелскиот амбасадор Просор бил придружуван од главниот инспектор на германската морнарица Јан Кристијан Каак на церемонијата на испловување на подморницата во Кил.
