Промени на управувањето, статус-кво кај двете скопски обележја

Фирма со куса и скромна деловна историја, која лани немала ни денар приход, ова лето стана сопственик на впечатливите, историски значајни згради на некогашните хотели „Јадран“ и „Бристол“, во центарот на Скопје, пишува „Призма“ во најновото истражување.
Документите што ги обезбедиле од државниот Катастар откриваат дека „ГМ проперти“ го купила хотелот „Бристол“ за околу 1,9 милиони евра на 25 јули, а само три дена подоцна платила речиси иста сума и за „Јадран“, објект кој е под државна заштита поради неговите архитектонски вредности.
Зградите со години се под клуч како непрофитен имот на угостителската групација на АД „Македонијатурист.“ Засега, неизвесно е дека сопственичката промена ќе значи и промена во нивниот третман.
Емил Кратовалиев, човекот што ги презеде хотелите, не е познато име во угостителскиот бизнис, ниту инвеститор со широко портфолио. Тој двапати одбил да разговара со БИРН и ги игнорирал испратените прашања околу хотелите и трансакцијата. За него, според јавно достапните податоци, се дознава само дека членувал во управни одбори на осигурителни компании.
Дополнителното истражување открива дека Кратовалиев, всушност, има врски со дел од бизнис-милјето што претходно управуваше со двата објекти и кое главно го сочинуваат скопски градежници и трговци. Станува збор за Зоран Антиќ, фронтменот на модниот трговски бренд „Фешн груп“, инвеститор во градежни објекти, меѓу кои и Гранд ривер, и до неодамна акционерски сопственик токму на „Јадран“ и на „Бристол“ преку АД „Македонијатурист.“
Поврзаноста е директна зашто двајцата заедно ја формирале „ГМ проперти“ во 2024 година. Меѓутоа, Антиќ излегол од фирмата неколку месеци пред купопродажбата на хотелите, оставајќи на директорската функција човек од својот делокруг.
Целиот текст може да го прочитате тука.
