Според БЕСА, Алтернатива и Демократско движење, од ДУИ потфрлиле кога инсистирале да се дадат гласовите на Насер Зибери за да биде премиер со целосни овластувања, а потоа самите го гласале Заев, па Ковачевски
Номинацијата од ДУИ и поддршката од СДСМ за актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да биде технички премиер до изборите кои треба да се одржат на 24 април и 8 мај, наиде на несогласување од страна на опозициската коалиција „Европски сојуз за промени“.
Оттаму велат, тие се за премиер Албанец, но дека ДУИ веќе ја прокоцкал шансата за премиер со целосни овластувања кога не успеала да се избори за Насер Зибери.
„Од Насер Зибери како премиер со целосни овластувања, завршија кај премиерот Талат Џафери кој самиот ќе има административни овластувања. Европскиот Сојуз за промени дефинитивно е ПРО за да има премиер Албанец. Но, против албанскиот премиер е и самата ДУИ, која ја загуби можноста да има премиер Албанец пред четири години кога ги измами Албанците да гласаат за Насер Зибери, додека ДУИ гласаше за Зоран Заев, а потоа за Димитар Ковачевски во Собранието за премиер. Зошто? Затоа што ДУИ не е заинтересирана за високи државни функции да работи во интерес на Албанците и државата, туку само да манипулира со јавноста и да краде“,
порачуваат од БЕСА, Алтернатива и Демократско движење.
Ниту опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со изборот на Џафери, нарекувајќи го „дезертер“.
„СДС откако го инсталираше Димитар Ковачевски, без избори, сега го инсталира Талат Џафери за премиер, и тоа само по одлука на Мала Речица“,
изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Овие реакции доаѓаат откако Централното претседателство на Демократската унија за интеграција официјално ја донесе одлуката, а СДСМ и Алијансата на Албанците јавно ја обзнанија поддршката за Џафери.
Јован Митрески ќе биде предложен за претседател на Собранието.