Министерството за здравство упати благодарност до семејството на починатиот донор, кое во најтешките моменти донело одлука да подари живот на други луѓе
Дополнително, донирани се и коскени ткива, кои претставуваат значаен придонес во лекувањето на други пациенти
Педесет и двегодишен пациент кој од 2021 година е на националната листа за трансплантација доби ново срце од донор, додека 23-годишен пациент доби нов бубрег, информираат од Министерството за здравство по успешно извршениот оперативен зафат за трансплантација на органи од починат донор.

Како што информираат од Министерството, двајцата пациенти се наоѓаат во стабилна здравствена состојба.
„Во градите на 52-годишен пациент, кој од 2021 година со нетрпение и верба чекал на трансплантација, од денес чука ново срце – симбол на нов живот и нов почеток“,
се наведува во соопштението од МЗ.
Истовремено, 23-годишниот пациент доби бубрег, што ќе му овозможи поквалитетен и подобрен живот.
Од Министерството појаснуваат дека, благодарение на одлуката за органодарителство, животот на донорот продолжува преку пациентите кои добиле нова шанса за живот.
Дополнително, донирани се и коскени ткива, кои претставуваат значаен придонес во лекувањето на други пациенти.
Министерството за здравство упати благодарност до семејството на починатиот донор, кое во најтешките моменти донело одлука да подари живот на други луѓе.
„Нивната одлука е патоказ за идните политики“,
изјави министерот за здравство Азир Алиу, изразувајќи благодарност до здравствените работници за нивната посветеност и професионалност.
Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, исто така изрази почит кон семејството на донорот, истакнувајќи дека нивната одлука спасила и променила животи.
„Кога сме сплотени и имаме ваква хумана мисија, заеднички можеме да поместуваме граници“,
рече д-р Кузмановска.
