Федерацијата на лекари од државните болници во Грција бара подобро јавно здравје, дополнителни вработувања, средства за зајакнување на здравствениот систем…
Секојдневно во болниците се хоспитализираат по 500 пациенти, a во просек по 80 дневно се на апарати, но не на одделенијата за интензивна нега, бидејќи таму нема место, вели претседателот на Федерацијата на лекари од државните болници во Грција, Михалис Јанскос, по денешниот протест на кој побараа подобро јавно здравје, дополнителни вработувања, средства за зајакнување на здравствениот систем, јави МИА од Атина.
Вработените во државните болници, во брзата помош, лекари, болничари, организирани од синдикатот, маршираа низ улиците во Атина, поминувајќи покрај премиерската палата, парламентот, а протестот го завршија пред Министерството за здравство, каде што побараа средба со министерот. Претседателот на федерацијата вели дека е голем бројот на пациенти кои умираат приклучени на апарати надвор од Одделите за интензивна нега во болниците, а некои со денови чекаат слободен кревет.
Пред грчкиот парламент, со едноминутен молк и со поставен венец, им изразија чест на, како што рекоа, 26 нивни колеги здравствени работници што ги загубиле животите во битката со коронавирусот.
Од Федерацијата, освен исполнување на нивните барања, пред Министерството за здравство побараа и средба со министерот, а откако добија негативен одговор ситуацијата стана тензична бидејќи се обидоа, но безуспешно, да го пробијат полицискиот кордон и насилно да влезат.