Задутре и официјално почнува изборната кампања, која овој пат ќе се реализира во посебни услови, односно без митинзи и поголеми собири, туку главно онлајн
Денеска завршува вонредната состојба согласно петтата одлука што ја донесе претседателот Стево Пендаровски минатиот понеделник, по два дена „пауза“, откако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ постигнаа договор изборите да се одржат на 15 јули, а не десет дена претходно.
Со завршувањето на вонредната состојба, почнуваат да течат 22 дена за завршување на изборните дејствија, што беа прекинати на 21 март, така што, поради епидемијата на коронавирусот, пропадна првичниот план за одржување избори на 12 април, откако парламентот се распушти на 16 февруари годинава.
Задутре, в среда, и официјално почнува изборната кампања, која овој пат ќе се реализира во посебни услови, односно, како што најавуваат партиите, без митинзи и поголеми собири, туку, главно, онлајн, преку презентации на програмите и обраќања до граѓаните преку медиумите и социјалните мрежи. Поради кризата со ковид-19 и гласањето ќе се спроведе во поинакви услови, со посебни мерки за заштита и, практично, ќе трае три дена, почнувајќи од понеделник (13 јули), па до среда (15 јули) до 21, наместо до 19 часот.
Шефот на државата ја образложи одлуката за нова вонредна состојба со потребата да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на ковид-19. Осумдневната вонредна состојба беше дадена за да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите.
Предвремените парламентарни избори првично требаше да се одржат на 12 април, но поради кризата со коронавирусот и прогласувањето на првата вонредна состојба во март, со владина уредба изборните дејствија беа прекинати. По повеќенеделни неуспешни разговори, консултации и неколку лидерски средби кај претседателот, власта и опозицијата на средината на месецов конечно постигнаа договор за избори на 15 јули.
На овие избори учествуваат четири коалиции и 11 партии, кои ги доставија листите до ДИК уште во првата половина на март, односно пред прекинувањето на изборните дејствија.
По завршувањето на изборите, почнува да тече рокот од 20 дена во кои треба да се одржи конститутивната седница на 10. парламентарен состав. Новото Собрание исто така ќе профункционира под посебни мерки за заштита од ковид-19, за што во собраниската зграда веќе се подготвува и друга сала за одржување на пленарните заседанија.