Премиерот Христијан Мицкоски на средбата ги потврдил веќе јавно изнесените позиции кои денеска ги соопшти во одговор на новинарско прашање

Заврши средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на крилото на Алијанса за Албанците кое е дел од власта, Арбен Таравари. Средбата, како што дознава „360 степени“, завршила во конструктивен дух и со договор разговорите да продолжат.
„Во текот на овој месец ќе се знае иднината за функционирањето на Алијанса за Албанците на Таравари“,
додава владин извор за „360 степени“.
Премиерот Христијан Мицкоски на средбата ги потврдил веќе јавно изнесените позиции кои денеска ги изнесе во одговор на новинарско прашање.
Мицкоски пред средбата со Таравари рече дека тој има две опции пред себе и оти трета нема.
„Едната опција е оваа, којашто ја нуди оваа Влада, на реформи, на промени, на испорака за граѓаните и втората опција е онаа опција која години наназад, би рекол повеќе од две децении ја криминализираше државата, ги уништуваше институциите и практично ја клекна дрвата и граѓаните. И тоа е изборот, нема трета опција. Би сакал да слушнам од г. Таравари која опција е за него бидејќи јас не гледам трета опција“,
рече Мицкоски.
Таравари, пак, рече дека не очекува ништо од денешната средба и само кратко додаде дека остануваат на одлуката донесена од Централното претседателство на локалните избори да одат со посебни советнички листи и дека ќе го слушне ставот на премиерот по што ќе проценат како партија како ќе продолжат понатаму.
Средбата на премиерот со Таравари се најавува изминатиот период откако ова крило на Алијанса за Албанците донесе одлука на локалните избори во октомври да излезе со сопствени советнички листи. Тоа не беше прифатено од неговите коалициони партнери во ВЛЕН. По ова следуваше напуштање на Таравари на коалицијата ВЛЕН, а во јавноста се зборуваше дека тој преговара со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.
Таравари единствено рече дека со Ахмети разговарал телефонски и оти немале средба.
Ахмети, пак, пред три дена рече дека ја цени одлуката на Таравари да се одвои од ВЛЕН.
Во однос на напуштањето на владината коалиција, Таравари изминатиот период рече дека тие ќе излезат од Владата само доколку премиерот смета дека не се потребни.
Премиерот денеска рече дека со или без Таравари во Владата, таа е стабилна, цврста и со големо мнозинство, како и дека во животот никого не молел ниту, пак, има намера некого да моли.
Лидерот на крилото на Алијанса за Албанците кое е дел од власта, Таравари во објава на социјалните мрежи напиша дека тие не ниту такси превоз ниту чамец за спасување на имиња и презимиња, туку дека работат во интерес на народот и оти не прават никакви потези за задоволство или гнев на некого.