И Бојан Јовановски – Боки 13 денеска доби решение за завршена истрага во случајот за работата на неговата невладина организација Меѓународен сојуз. Тој е последниот од осомничените кој даде исказ, а сега на ред е обвинителството да донесе одлука дали и против кого ќе покрене обвинителен акт.
Јовановски и во петокот беше во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а со исказот продолжи и денеска. Неговиот исказ, според адвокатот Сашко Дукоски, траел со часови бидејќи бил темелен и поткрепен со факти.
„Прилично детална беше неговата изјава, можете да заклучите надвор од било какво разумно сомневање дека за секој основ и зборче што стои во наредбата за истрага се произнесе со мноштво факти, а не рекла-кажала“, рече Дукоски посочувајќи дека била кажана целата ноторна вистина.
Дукоски не сакаше да ја коментира изјавата на Јасна Мандиќ која исто така е осомничена во овој случај, а рече дека била доведена во заблуда од Јовановски.
„Не сакам да коментирам изјави на туѓи лица, ги оставам. Моето мото е секој си стои зад она што го изјавил, ние нашата одбрана ја даваме во обвинителство и пред суд“, посочи адвокатот.
Според Законот за кривична постапка (ЗКП), откако обвинителството ги известило осомничените и нивните адвокати дека завршила истрагата, одбрана има право во рок од 15 дена да поднесе исправи или други докази или да бара обвинителот да собере определени докази. Ако има такво барање, обвинителот е должен тоа да го заврши во рок од 30 дена.
ЗКП предвидува дека кога ќе заврши истрагата и ќе истечат овие рокови, обвинителството во рок од 15 дена треба да поднесе обвинение или да ја запре постапката. Овој рок може да трае и 30 дена ако станува збор за кривични дела од областа на организираниот криминал.
Јовановски како првоосомничен се терети за две дела – измама и перење пари. Осомничен е и Меѓународниот сојуз чиј претседател е тој. Јасна Мандиќ, пак, која е заменик-претседателка на невладината се терети за помагање во двете дела. За истото осомничени се и таткото на Боки, Миле Јовановски, и асистентката Христина Блажевска.
На листата осомничени е и пратеничката Фросина Ременски за помагање во делото измама.
Според обвинителството, Јовановски се сомничи дека измамил две градежни компании на тој начин што ги лажел дека ќе обезбеди државно земјиште за да се изградат центри за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа ќе обезбеди и државни субвенции. Така, од едната фирма преку авторска агенција добил околу 720.000 евра, а од другата околу 230.000 евра.
За првиот случај од аферата „Рекет“ во кој со Јовановски е осомничена и ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, во тек е судскиот процес. Во овој предмет вина призна Зоран Милески – Кичеец.