Одлуката следува по одвоените средби што началникот на армијата на земјата и шефот на паравоените сили за брза поддршка (РСФ) ги имаа со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, по жестоките борби во Картум во кои беше нападнат американски дипломатски конвој
Завојуваните команданти во Судан се согласија на 24-часовен прекин на огнот, кој започнува вечерва, соопшти војската на земјата по разговорите со американскиот државен секретар Ентони Блинкен за жестоките борби во Картум во кои беше нападнат американски дипломатски конвој.
Блинкен одржа одвоени разговори со началникот на армијата и шефот на паравоените сили за брза поддршка (РСФ), во чија борба за власт, која избувна во саботата минатата недела, досега загинаа најмалку 185 луѓе.
Водачот на РСФ, генералот Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, рече дека силите за брза поддршка одобриле 24-часовен прекин на огнот за да се обезбеди безбедно минување на цивилите и евакуација на ранетите.
Тој во објава на Твитер рече дека со Блинкен разговарал за итни прашања и дека се планирани повеќе разговори.
РСФ, исто така, објави соопштение во кое вели дека води континуирана битка за враќање на „правата на нашиот народ преку нова револуција“.
Американскиот државен секретар рече дека според првичните извештаи нападот врз американскиот пратеник го извршиле сили поврзани со РСФ нарекувајќи ја акцијата „непромислена“.
Тој нагласи дека американскиот персонал е безбеден по инцидентот нарекувајќи ги заканите кон американските дипломати „целосно неприфатливи“.
Инаку, како што јавува Ројтерс, и денеска наутро низ престолнината на Судан одекнувале престрелки придружени со звук на воени авиони и експлозии.
Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина соопштија дека е речиси невозможно да се обезбеди хуманитарна помош низ главниот град.
Тие предупредуваат дека здравствениот систем во земјата е во опасност од колапс.
Борбите што избувнаа во саботата меѓу воените единици лојални на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и Силите за брза поддршка, предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагал, се први откако двајцата претходно ги здружија силите за да го соборат диктаторот Омар Хасан ал-Башир во 2019 година.
Силите за брза поддршка и суданската војска се натпреваруваат за моќ додека политичките фракции преговараат за формирање преодна влада по воениот удар во 2021 година.
Судан е управуван од Советот на генерали откако Ел Башир беше соборен со државен удар.
Насилството избувна во саботата по неколкудневни тензии во врска со патоказот за транзиција на земјата кон цивилно владеење.
Една од главните пречки се плановите за интегрирање на силите за брза поддршка од 100 000 војници во армијата и прашањето кој потоа ќе ги води новите сили.