Осум угостителски објекти се привремено затворени и против нив се поднесени казнени платни налози поради непочитување на протоколите за работа во услови на ковид-19. Три објекти се во Скопје, три во Гостивар и два во Куманово.
Во контролите е утврдено непочитување на работното време или ограничувањето за седење по четири гости на маса.
Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филипоска-Грашкоска на денешната прес-конференција информираше дека инспекциските контроли биле извршени во период од 14 до 20 декември.
„На неколку дена пред новогодишните празници, инспекциските служби ги интензивираа надзорите на терен и во соработка со МВР во текот на минатата недела се спроведоа голем број координирани акции. Ова ќе продолжи во следниот период со цел да придонесеме за одговорно прославување на претстојните празници“,
порача Филипоска-Грашкоска.
Во истиот период, Инспекторатот за транспорт поднел три прекршочни пријави за непочитување на протоколите за превоз на патници. Трудовите инспектори, пак, констатирале прекршување на протоколите за заштита од ковид-19 во три случаи.
