Државниот пазарен инспекторат и СВР – Охрид извршиле контроли во 83 угостителски објекти во Охрид (13), Струга (13), Кичево (37) и Дебар (20) и констатирани се различни прекршоци. Дел од објектите се затворени, а поднесени се и пријави.
Како што информира СВР – Охрид, вчера при контрола во угостителски објект во Дебар, сопственост на Д.С. од Дебар, затекнат е отворен по 18 часот и во него имало осум лица од кои двајца малолетници. Лицата се лишени од слобода, а малолетниците во присуство на родител се повикани во Одделение за внатрешни работи Дебар за понатамошно постапување.
Еден угостителски објект во Кичево е затворен, бидејќи не ги почитувал протоколите за работа.
При контрола на угостителски објект во населба „Св.Стефан“ во Охрид, вчера околу 21 часот, полициски службеници од СВР-Охрид во координација со Државниот пазарен инспекторат констатирале дека објектот работел после 18 часот и внатре биле затекнати пет лица.
„Околу 22 часот, пред угостителскиот објект бил приведен, Д.Д.(38) од Охрид бидејќи го нарушил јавниот ред и мир. Од Државниот пазарен инспекторат се преземени мерки за затворање на угостителскиот објект, а против пријавеното лице ќе биде поднесена соодветна пријава“,
информира портпаролот на СВР-Охрид, Стефан Димоски.
Со цел доследно споредување на мерките за заштита и превенција од ширење на коронавирусот и почитување на безбедносните протоколи во угостителски објекти, вчера на подрачјето на Струга, извршени се контроли на повеќе угостителски објекти.
„Во пет објекти забележано е дека не се почитуваат одредбите за задолжително растојание помеѓу масите во угостителските објекти и присуство над четири лица на одредени маси. Во еден угостителски објект, лицата А.В.(21) А.В.(25) и Г.В.(25) од струшкото село Велешта како и Т.С.(28) од селото Долно Татеши, го нарушиле јавниот ред и мир. Тие се повикани во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против нив како и против одговорните во угостителските објекти, ОВР-Струга ќе поднесе соодветни пријави“,
информира Димоски.
Според статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи, во изминатото деноноќие, на подрачјето на СВР-Охрид, полициските службеници констатирале 55 прекршоци за неносење лична заштита на лицето (Охрид-06, Струга-21, Кичево-28).
„Ним им се издадени прекршочни платни налози за сторен прекршок по член 6 став 1 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на заразната болест ковид-19“,
информира Димоски.