Објектот има 30 дена забрана за вршење на дејност, против газдата е поднесена пријава
Полицијата синоќа на полноќ затекнала околу сто луѓе во угостителски објект, лоциран на регионалниот пат Тетово – село Желино. Меѓу присутните имало и 17 државјанки на Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Молдавија.
Контролата, како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи е по претходно добиени сознанија. Ја спровеле заедно со Државниот пазарен инспекторат и констатирале дека објектот работи спротивно на законот, односно спротивно на мерките за справување со коронавирусот.
„Исто така, при извршената контрола пронајдена е марихуана и метадон при што лишени од слобода се две лица против кои ќе биде поднесена кривична пријава по чл.215 од КЗ. Против 17 лица ќе биде поднесена соодветна пријава по чл. 418а од КЗ, а против сопственикот на локалот ќе биде поднесена пријава по чл. 206 од КЗ“,
стои во соопштението од МВР.
Изречени се и три санкции за неносење лична карта и лицата се приведени во СВР Тетово за да им се утврди идентитетот.
При контрола на локалот во посебно изработени рафтови со бројки, наведуваат од МВР, биле пронајдени пари.
Државниот пазарен инспекторат изрекол 30 дена забрана за вршење на дејност.