„Никогаш тоа не би го помислила за него, тој секогаш ме пречекуваше убаво“, изјави сосетка шокирана од полицискиот упад во домот на главниот осомничен за подготовка на терористички напад во Виена, Беран Алији. Таа додаде дека природата и изгледот на убавото момче од соседството неодамна се смениле: „Си пушти брада, ја напушти работата и често патуваше во Виена“
Денеска беше објавено дека 18-годишен Ирачанец е третото лице уапсено за планирање терористички напад на концерт на Тејлор Свифт во Виена, Австрија. Главен осомничен е 19-годишниот Беран Алији, кој бил алфа и омега на планираниот напад. Веќе е познато дека овој Австриец е со македонски корени и признал сè на распитот во полиција, пренесе „дневник.хр“.
Но австриските медиуми објавуваат застрашувачки детали за планирањето на терористичкиот напад. Беран Алији направил бомба во својата куќа во Терниц, Јужна Австрија, а според полицијата, во рамки на подготовките го опремил својот автомобил со сини полициски светла за полесно да пристапи до просторот на стадионот.
Порталот „Хеуте“ пишува дека 17-годишник, наводно од Босна и Херцеговина, бил вмешан во терористичките планови. При неговото апсење биле пронајдени материјали од ИСИС и Ал Каеда, но тој ги негира обвинувањата.
Во средата наутро специјалната единица „Кобра“ упаднала во куќата на Беран Алији, во која живеел со своите родители кои во тој момент биле на одмор. Шокираните соседи во тој тивок град не ни помислувале дека во куќата до нив се прави бомба.
„Никогаш тоа не би го помислила за него, тој секогаш ме пречекуваше убаво“, им рече на новинарите сосетка шокирана од полицискиот упад и обвинувањата, која додава дека природата и изгледот на убавото момче од соседството неодамна се смениле: „Си пушти брада, ја напушти работата и често патуваше во Виена“.
Беран Алији поминувал многу време во локалната теретана и се здобил со голема мускулна маса. На 25 јули ја напуштил работата велејќи дека има големи планови. Тој потоа ветил лојалност на „Исламската држава“ и очигледно тајно работел на плановите за напад користејќи експлозиви и мачети со кои, како што наведуваат дел од австриските медиуми, „што е можно повеќе неверници ќе умрат во Виена“.
Првичните резултати од полициската истрага покажуваат дека Алији планирал да го вози својот автомобил „фолксваген буба“ во црна боја со кој требало да влета во толпата од илјадници обожаватели на Тејлор Свифт, потоа да ги нападне со мачети и конечно да ја активира бомбата.
Заедно со 17-годишното момче ја возеле „бубата“ наоколу за да ги тестираат полициските светла. Покрај лажната полициска легитимација и 21 000 евра фалсификувани пари, во куќата на родителите на осомничениот биле пронајдени мачети, ножеви и функционални експлозиви, вклучително и детонатори.