Заводот за статистика го доставил до ДИК основниот список, кој моментно брои 1 817 028 избирачи
За гласање во дијаспората се пријавиле над 710 избирачи, така што во наредните 15 дена треба да се пријават уште близу 6 000 за да има шанси да се избере барем еден пратеник надвор од земјава
Вкупно 1 817 028 гласачи се регистрирани моментно во земјава во базичниот избирачки список што Државниот завод за статистика го доставил до ДИК. Врз основа на тој список, од утре граѓаните ќе можат да ги проверат и евентуално да ги коригираат своите податоци, за на 12 април да може да го остварат своето право на глас.
Првичната бројка на гласачи што денеска ја соопшти претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, е за близу девет илјади поголема од конечната бројка на избирачи на ланските претседателски избори. Тогаш Избирачкиот список беше заклучен со вкупна бројка од 1.808.131 граѓани со право на глас.
Деркоски денеска соопшти и дека, почнувајќи од вечерта на 16 февруари, кога беа распишани изборите, досега над 710 македонски државјани се пријавиле за гласање во дијаспората. Тој информира дека гласање во дијаспората ќе се организира ако се достигне потребниот цензус за можен избор на најмалку еден пратеник надвор од земјава, кој годинава би изнесувал нешто на 6 540 лица. Толку е најнискиот резултат со кој на претходните парламентарни избори (во 2016 година) е избран пратеник, во случајов во шестата изборна единица.
Инаку, цензусот за избор на пратеници во дијаспората, заедно со пропорционалниот модел, беа воведени за парламентарните избори во 2016 година, согласно преговорите што ги водеа партиите во Пржино за надминување на политичката криза во земјава. Поради променетиот модел, на последните избори не беше избран пратеник од дијаспората, за разлика од двата претходни собраниски состави во кои имаше по тројца пратеници избрани во ДКП со мошне мал корпус на гласови.