Од АХВ велат дека месото денеска ќе биде уништено на депонијата „Дрисла“

Околу два тони небезбедно свежо и замрзнато месо, како и подготовки од месо денеска ќе бидат уништени на депонијата „Дрисла“, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Местото кое ќе биде уништено е одземено при вонредни инспекциски контроли во малопродажни објекти за месо, подготовки и преработки од месо на подрачјето на Општина Радовиш.
Освен во Радовиш, од АХВ велат дека вчера биле спроведени контроли и кај физичко лице во неготинското село Пепелиште, кое вршело неодобрена дејност – производство на димени месни производи и чварки и нивна продажба преку социјалните мрежи. Од физичкото лице одземени биле дополнителни 50 килограми печеница, кулен, димена сланина и други преработки од месо.
Од АХВ велат дека одземените производи биле без декларација за потеклото и биле чувани и преработувани во несоодветни и нехигиенски услови, што претставува сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите.
Агенцијата најавува дека инспекциските контроли ќе продолжат, со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување нелегално производство и промет на небезбедна храна.
Инаку, пред три дена од АХВ информираа и дека при вонреден инспекциски надзор биле пронајдени и запленети 400 килограми замрзнати подготовки од месо, плескавици и ќебапи, како и 70 килограми внатрешни органи. Производите биле запленети од месарница во Општина Василево, каде што на приватен имот била откриена комора која не била регистрирана во АХВ.
