Автомобил на јавен обвинител во ОЈО Кичево изгорел откако во гаражата во семејната куќа била фрлена експлозивна направа која го предизвикала пожарот.
„Вчера околу 19 часот со експлозивна направа е предизвикан пожар во помошна просторија од семејна куќа на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево. Експлозијата оштетила патничко моторно возило ‘сеат леон’ кое било паркирано во просторијата и е во сопственост на јавниот обвинител“,
соопштија од Обвинителството.
Ова не е прв напад кон обвинителот. Пред повеќе од еден месец со нож биле исечени гумите на истото возило. Засега нема информации кој е сторителот и дали ваквите два напада се поврзани.
По предизвиканиот пожар вчера, екипа од МВР направила увид и издадени се наредби за подигање примероци од експлозивната материја за да се вештачат.
Обвинителството врши проверка и на видеозаписите од камери поставени на околните објекти.