Кубен метар огревно дрво не смее да се продава за цена повисока од 6 429 денари, додека цената за килограм пелети се ограничува до 27 денари
Владата ги замрзна цените на огревно дрво од даб и од бука и пелети за огрев, соопштија од прес-службата по завршување на денешната седница.
Одредена е највисока цена за еден кубен метар дрво и килограм пелети и одлуката за замрзнување на цените ќе трае до крајот на годината (31 декември 2022 година).
„Највисоката цена на огревното дрво се утврдува во висина до 4 500 денари за метар просторен (МПР) односно до 6 429 денари за метар кубен (м3). Највисоката цена на пелетите за огрев се утврдува во висина до 27 денари за еден килограм. Во цената на стоките е вклучен ДДВ и транспорт“,
велат од Владата.
Паралелно со оваа, укината е одлуката за замрзнување на маржите за огревно дрво и пелети која беше ограничена на 10 проценти.
Овие мерки се носат со цел да се ублажат последиците од светската енергетска криза предизвикана од војната во Украина, како и да се заштити стандардот на граѓаните.