Роднина на еден од патниците кои патувале со агенцијата „Беса транс“ за Турција моли да добие информации од агенцијата или од институциите за неговиот братучед, односно дали е меѓу преживеаните и во каква состојба е.
Станува збор за 41-годишниот Енес Бакиу, кој во четвртокот сам тргнал за Турција со агенцијата „Беса транс“. Веста за трагедијата роднините ја дознале утрово преку Фејсбук.
„Во моментов не можеме да го добиеме и се сомневаме во тоа. Дали е точно, не знаеме“,
им рече братучедот на Енес на новинарите кога го прашаа дали се надева дека неговиот роднина е меѓу преживеаните.
Тој вели дека три-четири часа се обидувале да добијат информации од агенцијата.
„Информацијата ни е од 6 часот наутро, видовме на интернет, поточно на Фејсбук. Бидејќи мојот братучед беше во Турција, веднаш почнавме да бараме по интернет, по телефонски броеви во ’Беса транс’. Цело време се јавуваме, три-четири часа поминаа. Немаме никаква информација ниту, пак, се јавуваат. Ова не е добро, како што знаат да се јавуваат кога организираат да се прошетаат луѓе, барем сега кога е најтрагично треба да бидат поактивни. Ги замолувам институциите што имаат информации да им ги кажуваат на луѓето“,
рече роднината.