Заменик-министерот за одбрана од редовите на ДУИ, Беким Максути, кој се споменува меѓу примерите за кршење на уставната норма од член 97 во минатото, вели дека ВМРО-ДПМНЕ во 2014 година не ја прифатила неговата кандидатура за заменик во одбрана, повикувајќи се токму на уставното барање минимум три години да биде цивил. Максути до 2011 година бил офицер во Армијата.
Случајот на Максути, кој во 2016 година беше избран за заменик-министер за одбрана, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го користи за да го оправда предлагањето на Драган Ковачки, активен полковник во Армијата, за министер за внатрешни работи во техничката влада. Притоа, се наведува дека тој од 2011 до 2015 година бил раководител на Секторот за меѓународна соработка во Министерството за одбрана.
Драган Ковачки во 2016 година како раководител на Службата за воено разузнавање
Професорката по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова, која е и стратешки советник на Христијан Мицкоски , во изјава за „360 степени“, при набројувањето на, како што вели, преседаните во минатото, го споменува и името на актуелниот заменик-министер за одбрана Беким Максути.
„360 степени“ контактираше со Максути, во чија биографија пишува дека во 2011 година ја напушта активната армиска служба.

„Во 2014 година јас бев предлог на ДУИ за заменик-министер за одбрана. Но, не поминав како решение зашто тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ се повика на член 97 од Уставот и барањето за минимум три години цивилна служба пред именување на раководна позиција во државната управа во полицијата или одбраната“,
вели Максути.
Но, во 2016 година, на предлог на техничкиот премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, откако поминале три години од напуштањето на службата во униформа, Беким Максути е избран за заменик-министер за одбрана. На 6 април 2016 година, Максути ја презема должноста во ресорот одбрана од Илми Селами. Тој повторно е избран на истата позиција и во владата на Зоран Заев.