Го честитав спроведувањето на стандардите, вели Нухиу негирајќи дека честитката се однесувала директно за обвинителот Ислам Абази
Заменик-министерот за правда Агим Нухиу од редовите на ДУИ вели дека не му честитал на Ислам Абази за тоа што стана шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), туку неговата честитка се однесувала на тоа што по првпат се спровел новиот начин на избор преку непосредно гласање од страна на сите обвинители во државата.
„Да, точно е дека објавив статус на Фејсбук, тоа што го напишав не беше честитка за изборот на конкретниот кандидат туку за новите правила за избор, со гласање на 160 обвинители, директна демократија. Го честитав спроведувањето на стандардите“,
рече Нухиу на денешниот брифинг што го одржаа тој и министерот Никола Тупанчески со новинарите.
Нухиу беше и единствениот висок функционер од извршната власт што ноќта по објавување на резултатите од изборите на нов шеф на ОЈО ГОКК јавно се огласи со пораката:
„Очекуваме поголем напредок во оперативната соработка со меѓународните партнери и координација на активностите меѓу обвинителството, полицијата и другите релевантни тела за борба против организираниот криминал и корупцијата со цел подобрување на ефикасноста на спроведување на законите. Со нетрпение очекуваме напредок во истражните постапки, гонењето и казнувањето на случаите на организиран криминал и перење пари со фокус на конфискација на имотот стекнат преку криминал“.
Покрај за ова, Нухиу на брифингот со новинарите изнесе и став дека нема никаква афера во врска со полагањето правосуден испит од страна на кандидати кои сè уште немале дипломирано, појава што ја откри Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) преку случајот на Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Според заменик-министерот, не може да се каже дека овие кандидати немале диплома бидејќи тие се дипломирани правници, но во моментов кога се пријавиле за правосуден испит сè уште немале диплома.
„Тие кандидати ги имаат дипломите, лесно може да се провери во факултети, друго е да се каже дека тие немаат воопшто диплома или имаат фалсификат диплома“,
вели Нухиу.
Тој додава дека за ова не треба да се оцрнуваат кандидатите бидејќи тие имаат свој интерес и достоинство, а ако треба некаде да се бара одговорност тоа треба да биде од Комисијата што била задолжена за правосудниот испит.