Според него, се работи за фондација преку која, почнувајќи од оваа година, ќе работи на реализација на овој проект
Настаните, како што посочи, што треба да се случат 50 дена во следната 2027 година и секој ден во 2028, а во 2029 година фондацијата треба да прерасне во јавно претпријатие
Законот за Скопје – европска престолнина на културата 2028 година ќе оди на јавна расправа за да не се остави каков било сомнеж во врска со транспарентноста на овој процес, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски и додаде дека се работи за закон кој треба да се донесе во рамки на приоритетите на овој проект и оти е изготвен согласно препораките и практиката во Европската Унија.

„Јас ја разбирам реакцијата на јавноста поради тоа што има жесток обид за нејзина дезинформација. Прво, станува збор за Фондација ‘Скопје – европска престолнина на културата‘ и тоа е проект кој е започнат уште пред 10 години. За жал, ништо досега не е направено. Владата дојде во ситуација да се соочи со предизвик, а тоа е првпат на некој град да му биде одземена таа титула – европска престолнина на културата“,
рече тој.
Посочи дека влегле во процес во кој јасно ги дефинирале приоритетите, а еден од нив е и законот, кој се прави согласно сите препораки на Европската Унија.
„Не е ова ништо поразлично од тоа што било во Хелсинки“,
кажа премиерот.
Според Мицкоски, не станува збор за избор на директор, бидејќи се работи за фондација преку која, почнувајќи од оваа година, а требало да се почне пред 10 години, ќе работи на реализација на овој проект.
„За правилно информирање на јавноста, сакам да напоменам дека станува збор за таканаречена книга или ‘bidbook’, која е добиена уште пред пет-шест години, а во која се дефинирани приоритетите од порано, а ги наследи Владата и овој градоначалник“,
вели тој.
Тоа се настани, како што посочи, што треба да се случат 50 дена во следната 2027 година и секој ден во 2028 година, а во 2029 година фондацијата треба да прерасне во јавно претпријатие, кое ќе има и директор.
„Тоа е суштината на проектот. За жал, некој се обидува свесно да ја манипулира јавноста и свесно да ги дезинформира граѓаните. Но, нема да дозволам да остане каков било сомнеж во кој било процес. Затоа, на мое инсистирање, законот беше повлечен од парламентот. Тој ќе биде ставен на јавна дебата“,
рече Мицкоски.
Затоа, како што додаде, малку ќе се задоцни со некои од подготовките, но до крајот на годината ќе се обидат сè да биде навремено испорачано, а Скопје да биде европска престолнина на културата 2028 година.
