Предлог-законот за Јавното обвинителство вчера помина на владината седница и е испратен на усвојување во Собранието со европско знаме и во скратена постапка. За да се изгласа потребно е двотретинско мнозинство, но досега нема целосна поддршка од ниту една опозициска партија. Законот предвидува СЈО да се претопи во обвинителството за организиран криминал и корупција и да се формира ново обвинителство со назив: Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција.
ВМРО-ДПМНЕ одбива Рускоска да го води обвинителството иако таа е актуелна шефица која е избрана на таа позиција во ноември 2018 година од страна на Советот на јавни обвинители. Од Алијансата за Албанците бараат новото на чело на обвинителството да застане обвинител од земјите од ЕУ, Движењето БЕСА подддршката ја условува со датум за предвремени избори, а независната „осумка“ пратеници сè уште гради став. СДСМ бара конструктивност од ВМРО ДПМНЕ.
„Токму тоа беше предлог на ВМРО-ДПМНЕ, СЈО да стане дел од Јавното обвинителство кој што беше прифатен. Русковска во моментов е прв човек на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.Предлог законот предвидува спојување на обвинителствата и оттука логично е мандатот да го продолжи обвинителката која веќе ја извршува оваа функција. Затоа очекуваме сите пратеници, а особено колегите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат ова законско решение“,
изјави пратеничката од редовите на СДСМ Снежана Калеска-Ванчева.
Ако партиите се договорат, Законот би можел да го помине во прво читање во Собранието до крајот на месецов, а во второ читање, на крајот на август, рече спикерот Талат Џафери на вчерашниот брифинг со новинарите.
Истиот одговор Џафери ѝ го кажал и на новата амбасадорка на САД во земјава Кејт Брнс која вчера имаше со него и прашала дали има шанса законот да се изгласа до 15 септември.
Утре во земјава пристигнува еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој ќе има средби со политичкиот врв и со лидери на политичките партии од власта и опозицијата. Задутре пак, во Скопје доаѓа и в.д. помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер. Се очекува претставниците на ЕУ и на САД да се фокусираат токму на ова прашање што се смета за последно отворено пред земјите-членки на ЕУ во октомври да решаваат за одредување датум за почеток на преговори со С. Македонија.