Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, е оптимист дека до 12 април и пред распуштање на парламентот ќе се донесе законот за јавното обвинителство. Тој денеска, пред средбата со бизнис-заедницата во Стопанската комора на Македонија, го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да изнајдат заедничко решение.
Донесувањето на законот, истакна Заев, е обврска на сите, пред сè кон граѓаните. Најмногу надеж тој има, како што рече, во пратеничката група на осумте независни пратеници.

„Сакам да биде донесен законот. Верувам дека до 12 април имаме некои неполни четири недели. Треба да направиме сè. Разговарав со еврокомесарот дека СДСМ и коалицијата се подготвени. Замолив да разговара со опозицијата. Веројатно е разговарано. Овие денови верувам дека ќе се направат и дополнителни контакти зашто привршуваат разговорите за Изборниот законик. За да се заврши оваа работа, треба да најдеме решение“,
кажа Заев.
Во новото законско решение, како што рече, веќе ќе нема СЈО.
„СЈО е со гарантирани предмети. Тие се под надлежност на државниот обвинител и во судска постапка. Релаксирани од тоа, треба да седнеме и да изнајдеме законско решение. Знам дека работите нема да се променат и ВМРО-ДПМНЕ ќе остане опозиција и затоа треба да го решиме тоа. Дури и да се променат, ќе бидат сменети страните и пак треба да го решиме тоа. Никој однадвор нема да дојде да ни го реши ова прашање. Апелирам до ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски да го дадеме и овој дополнителен аргумент на новиот еврокомесар, иако не ни е услов, за да го испорача пред самитите и одлуките на Европскиот совет. Тоа нема да биде само аргумент повеќе пред ЕУ туку и пред нашите граѓани, зашто законот е потребен за граѓаните“, рече Заев.
Милошоски: Можни се услови за поширок консензус
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска потврдија дека вчера добиле предлог-закон од владината коалиција и најавија дека нивниот правен тим во текот на следните денови ќе го анализира, а во текот на следната недела се очекува да биде договорен термин за средба и размена на аргументи.

Антонијо Милошоски, од работната група на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека иако до распуштањето на парламентот има помалку од еден месец, постојат одредени шанси, ако тоа се постави како приоритет, да се постигне согласност за законот за јавното обвинителство.
Од она што тој можел да го види во преодните и завршни одредби на предлогот, повторно се остава еден законски обид за тимот на СЈО да биде „вдомен“ на некој начин во тимот на обвинителката Вилма Русковска, што според него е една од забелешките на новиот предлог.
„Законот за јавнообвинителска служба и Законот за плати на јавните обвинители е прилично јасен, не може ниеден обвинител, без разлика каде бил ангажиран, да добие повеќе од 35 отсто надомест од неговата основна плата а видовме дека сите обвинители што работеле во СЈО добивале по астрономски суми, околу 70, 80 или 100 илјади евра и за таков прекршок треба да се поведе, во најмала рака, дисциплинска постапка. Цениме дека не би требало овие лица да бидат повластени или наградени со некоја повисока позиција во јавнообвинителскиот систем или, пак, да бидат привилегирани во споредба со нивните колеги обвинители“,
рече Милошоски.
За Милошоски овој четврти по ред текст на предлог-законот за јавно обвинителство е поинаков од претходните три и од оној што сè уште е во собраниска процедура. Побара од собраниското мнозинство да го повлече предлогот што е во собраниска процедура за да разговараат за новопредложениот.
„Стоиме на располагање да создадеме услови за поширок консензус“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Донесувањето на законот за ЈО повторно се наметна како тема по посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји неделава. Тој на сите средби со политичките претставници во земјата истакна дека токму овој закон заедно со изборите и спроведувањето на договорите со Грција и Бугарија се приоритет во контекст на одлучувањето за датум за почеток на преговорите.
*Поврзани вести
Вархеји: Законот за ЈО е приоритет, клучни се и договорите со Грција и Бугарија (ВИДЕО)
Закон за ЈО – јасната порака на Вархеји не ги помести власта и опозицијата
Џафери до партиите: Доближете ги ставовите за законот за ЈО, Вархеји и Тимоние беа повеќе од јасни