На прашањето дали е можна промена на ставот на Бугарија околу стартот на преговорите под надворешен притисок, Захариева е категорична дека тоа нема да се случи
Според бугарската министерка за надворешни работи, поддршката од Софија за С Македонија никогаш не била безусловна
Во моментов Бугарија не може да се согласи С Македонија да започне преговори со Европската Унија, изјави бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева за софиската телевизија БТВ.
Таа потенцира дека Бугарија ги поддржува земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, но нагласи дека бугарската поддршката за С Македонија никогаш не била безусловна.
„Постои Договор за пријателство и добрососедство, кој беше потпишан во 2017 година, но одредбите не се спроведуваат. Во Скопје се обидуваат да избегаат од тоа. Во последните месеци Бугарија неколку пати најави дека е можно да не ја одобри првата меѓувладина конференција или преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и ЕУ“,
изјави Захариева.
На прашањето дали е можна промена на ставот на Бугарија околу стартот на преговорите под надворешен притисок, Захариева е категорична дека тоа нема да се случи.
Според неа, потребна е добра волја за спроведување на Договорот за добрососедство и истакна дека непризнавањето на историската вистина води до многу сериозни проблеми во односите меѓу двете земји.
„И покрај шпекулациите, ние немаме никакви претензии за тоа како да се определат нејзините граѓани и нивниот јазик. Договорот предвидува дека имаме заедничка историја“,
рече Захариева и додаде дека Бугарија има заедничка историја и со земји како Грција и Турција, но дека таа се разликува од заедничката историја со С Македонија.