При извршеното алкотестирање, кај 29-годишниот возач на автомобилот било утврдено присуство на 1,75 промили алкохол во крвта, по што тој веднаш бил лишен од слобода

Деветнаесетгодишна девојка загина, а возач на мотоциклот е повреден во сообраќајна несреќа што се случила синоќа на магистралниот пат Струмица – граничен премин „Ново Село“, во атарот на селото Турново.
Несреќата била пријавена околу 23:30 часот, а во неа учествувале патничко возило „сеат леон“ со струмички регистарски ознаки, управувано од С.Б. (29) од Струмица, и мотоцикл без регистарски ознаки, управуван од 19-годишниот А.Д. од селото Иловица.
Од здобиените повреди на самото место починала 19-годишната К.Ј., која била сопатничка на мотоциклот. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош. Возачот на мотоциклот, А.Д., се здобил со телесни повреди и бил пренесен во Медицинскиот центар во Струмица.
Увид на местото извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Струмица. При извршеното алкотестирање, кај 29-годишниот возач на автомобилот било утврдено присуство на 1,75 промили алкохол во крвта, по што тој веднаш бил лишен од слобода.
Полициската истрага, исто така, утврдила дека 19-годишниот возач го управувал мотоциклот без тој да биде регистриран, како и пред да се стекне со право за управување со моторно возило.
По наредба на јавниот обвинител, телото на починатата девојка е предадено на обдукција. За време на увидот, сообраќајот на тој дел од магистралниот пат бил во целосен прекин во двата правци од полноќ до 2:30 часот.
