Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, реагирајќи на одредени најави од ВМРО-ДПМНЕ за укинување на договорот од Преспа, денеска истакна дека тоа ќе биде опасно и може да ја врати земјата 25 години назад.
„Не верувам“, рече Заев, „дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори, уште помалку дека ќе освои двотретинско мнозинство за да го смени Договорот, но должни сме да им укажеме на граѓаните што би се случило доколку тоа се направи“, рече Заев потенцирајќи дека во неколку наврати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и за странски и за домашни медиуми најави дека доколку имаат двотретинско мнозинство ќе го укинат договорот од Преспа, кој е договор што нè донесе до НАТО и до чекор со ЕУ.
„Дали во ВМРО-ДПМНЕ се свесни што ќе се случи ако се уништи Преспанскиот договор? Укинувањето би нè вратило 25 години наназад и би го вратило ПЈРМ односно ФИРОМ, име со кое бевме именувани наместо со уставното име. Тоа ќе значи укинување на членството во НАТО, губење на ЕУ-перспективата, губење на милијарда евра инвестиции. Без договор од Преспа, ќе исчезне поддршката од нашите стратегиски партнери, нови блокади од Грција, нова внатрешна нестабилност и ризици за конфликти“,
рече Заев на прес-конференцијата.