Премиерот Зоран Заев е уверен дека соработката со САД ќе продолжи на сите нивоа, но и дека ќе се развива дополнително. Тој му честиташе на изборот за претседател наЏо Бајден и на неговата заменичка Камала Харис.
„Честитки за новоизбраниот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис! Сигурен сум дека ќе продолжиме да ги развиваме одличните односи кои ги имаме со САД и да го продлабочуваме нашето сојузништво во НАТО, но и на сите полиња. Иднината пред нас е светла“, напиша Заев на својот Фејсбук профил.
Коалициониот партнер на Заев од ДУИ, Али Ахмети, рече дека Бајден е голем пријател, а се заблагодари на досегашната соработка на Доналд Трамп.
„Нашиот голем пријател Џо Бајден се врати, сега е на чело на САД. Му посакувам добро здравје, успех и добра работа. Голема благодарност и до претседателот Доналд Трамп и неговиот придонес во изминатите четири години. Нашето пријателство со САД е вечно“,
вели Ахмети во соопштението.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ по повод изборот на Бајден велат дека се надеваат оти политиките на меѓународно поле ќе донесат мир и стабилност и ќе го обезбедат толку посакуваниот просперитет на секаде во светот, но и во нашиот регион.
„Светот минува низ тежок период, можеби најтежок по Втората светска војна, затоа потребни се одлучност, крупни чекори и промени. Секој поединечно може да направи добри работи, но сите заедно и обединети во нашите заеднички цели можеме да постигнеме големи дела“,
се вели во нивното соопштение.