Премиерот Зоран Заев вели дека секогаш кога изминатите години давал одговори на прашања поврзани со „Монструм“ оставал резерва, зборувал за своите впечатоци, но и кажувал дека последниот збор ќе го имаат правосудните органи.
Ваков коментар тој даде на прашање дали сè уште стои на ставот дека други лица го сториле петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012. Заев тврди дека ако имал информации дека некој друг е виновен, досега ќе посочел.
„Ако имав да посочам други лица, од 2015 до сега ќе ги посочев. Никогаш не сум спомнал друго лице, да посочам директно јас дека е виновно друго лице. Сум давал коментари, свои задршки, резерви за тоа што било соопштено во јавноста преку читање на пресудите тогаш достапни. Тоа што сум го видел на материјалите, сум давал одговор за тоа што сум го мислел, но секогаш сум кажувал дека последниот збор е на правосудството“,
одговори премиерот на уште прашање за тоа дали лично е убеден и има информации дека други се виновници во случајот.
Прашањата на адреса на Заев доаѓаат со оглед на тоа што во 2015 година кога се појавија „бомбите“ имаше негови изјави во врска со случајот, а една од нив која беше пренесена во македонската јавноста, беше од интервју за германскиот весник „Цајт“, каде тој вели дека луѓето кои се осудени за петкратното убиство кај Смилковско Езеро се невини.
Меѓутоа, „бомбите“ не открија нова вистина за „Монструм“ е нешто што го кажа обвинителката Фатиме Фетаи во четвртокот кога даваше заврши зборови. Таа направи прецизирање на обвинителниот акт, но остана на тоа дека станува збор за тероризам и побара затворски казни за петмина од обвинетите кои и претходно беа осудени. Само за еден се откажа од обвинението бидејќи рече дека немало докази. За тројца обвинети за тероризам побара доживотен затвор, додека за двајца обвинети за кривични дела поврзани со помагање, пак, побара максимални затворски казни.
На прашањето дали смета дека случајот бил злоупотребен за политички поени, Заев вели дека не е така, како и дека тој никогаш не објавувал „бомби“ за „Монструм“ туку само одговарал на прашања.
„Апсолутно не. Правото на слобода, на информација, правото на вистината е величествено во секоја демократска земја. Секогаш кога сме споделувале информации ние сме давале јавно одговори, знаете затоа што се работеше за случај за кој имаше и ПИ мерки, а имаше и разговори кои беа надвор од тоа. Јас како случај не го објавив ’Монструм‘, давав коментари на прашања на новинарите и споделував мои лични очекување со тоа што сум го видел и секогаш тврдев дека материјалите ќе бидат целосно доставени до СЈО. Тоа го направив, а на крајот останува на истражните органи да пресечат“,
изјави Заев.