Премиерот Зоран Заев одби да одговори на новинарско прашање – дали со обидот за форензичко бришење на компјутерите во СЈО се влијае на истрагата за „Рекет“, за која претходно премиерот порача дека мора да се откријат сите инволвирани.
„На тоа прашање ќе изберам дане ви одговорам. Тоа е дел од истраги, нека си одговорат институциите, тоа е државното обвинителство, СЈО и сите други. И јас прочитав во медиумите, треба да си дадат одговори за ова прашање“,
рече Заев.
„360 степени“ викендов објави дека Катица Јанева дала усна наредба и веќе биле преземени подготвителни активности за да се спроведе „форензичкото бишење“. Постапката требало да ги опфати сите компјутери во ова обвинителство, а ваква наредба вработените добиваат првпат од постоењето на СЈО. Барањето за бришење на компјутерите се случува во период кога Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води истрага во случајот „Рекет“ во кој засега не е осомничена, но е имплицирана и шефицата на СЈО, Катица Јанева. Иако постапката на „форензичко бришење“ нема да ги загрози документите што постојат во компјутерскиот систем на СЈО, сепак, неповратно ќе ги избришела податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено. Пред да се објави веста, од „360 степени“ побара официјален став и до СЈО, но наместо одговор, добивме демант, шест часа по објавување на информацијата.
По демантот од обвинителството на Катица Јанева, се огласи и уредникот на „360 степени“, Васко Попетревски.
„Решивме да бидеме гласот на вработени во СЈО, кои „изгорени“ од настаните во изминатите недели, сакаа да ја алармираат јавноста, но и институциите, за најавена постапка (на „форензичко бришење“ на компјутерите) со можни далекусежни последици. Во функција на јавниот интерес.„Демантот“ не се осврнува директно на делот од текстот на „360 Степени“ дека со „форензичкото бришење“ неповратно ќе се избришат податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено. Ако и на вработените во ИТ-секторот сега им е појасно што, всушност, било побарано од нив, а можеби не биле свесни за тоа, тогаш навистина јавниот аларм од загрижени вработени во СЈО ја завршил својата работа“,
стои во обраќањето на Попетревски.
Од редовното обвинителство ниту потврдуваат ниту негираат на прашањата дали се постапува по допрен глас.