Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска побара од Заеви да кажат дали уапсениот Александар Ушилковски е возач на Трајче Заев, а не дали е вработен во фирмите и дали комбето во кое е најдена дрогата е на фирма партнер на онаа на Трајче Заев, а не дали е на некоја од фирмите на Заев
Немам ни што да додадам ни што да одземам од изјавата на мојот братучед Трајче Заев – ниту уапсениот Александар ниту комбето немаат врска со фирмите на Заев, одговори денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање да го коментира случајот со апсењата за шверц на марихуана од минатата недела, при што се споменуваше фирмата на неговиот прв братучед и возачот.
„Мојот прв братучед имаше јавен коментар и секако јас разговарав со него. Александар, не знам како му беше презимето, не е вработен во фирмите ниту, пак, комбето кое има грчки таблички има некаква врска со фирмите на Заеви. Законот важи за сите. Можел да се дружи со мојот братучед колку сакал или началникот во Прилеп да биде со Заев, Спасовски, да се слика… Ако го прекршил законот, ќе си одговара. Овде има основи за сомневање, следува судски процес и согласно доказите ќе си сносат одговорност“,
рече Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, денеска побара од Заеви да кажат дали уапсениот Александар Ушилковски е возач на Трајче Заев, а не дали е вработен во фирмите, што беше демантирано од него, како и тоа дали комбето во кое е најдена дрогата е на фирма партнер на онаа на Трајче Заев, а не дали е на некоја од фирмите на Заев, што Трајче Заев го демантираше.
„Трајче Заев од Дубаи демантирал дека Ушилковски не бил вработен во ниту една од фирмите. Наместо ова, Трајче Заев треба да каже дали Ушилковски е негов возач или не?… Потоа вели, комбето со фатената дрога не било во сопственост на Заеви. Па никој не рече дека е во сопственост на Заеви. Ние прашавме и повторно прашуваме, дали комбето со грчки таблички е во сопственост на фирма која е во партнерски односи со фирми на Трајче и Бобан Заеви?“,
рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.