Пред неколку дена министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека Фудбалската федерација на Македонијанема обврска да го менува името односно да додава „Северна“ согласно Преспанскиот договор
По забелешките на Грција во однос на кратенката на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на дресовите на нашите фудбалери на ЕУРО2020, премиерот Зоран Заев во писмена изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА и грчката државна телевизија вели дека ова прашање е покренато и во наредниот период ќе се реши врз основа на Договорот од Преспа и правилата и традицијата на УЕФА, пренесе МИА од Атина.
„Цела Европа знае дека нашата фудбалска репрезентација на првенството ја претставува Северна Македонија. Дури и Федерацијата да не е јавен ентитет, националниот тим е. Како што е во сите земји во светот. Па така, јасно е и треба да биде јасно на сите нивоа дека е репрезентација на Северна Македонија, ирелевантно од иницијалите на Федерацијата на дресовите. Веќе го покренавме конкретниот аспект со Федерацијата и во наредниот период ќе го решиме прашањето врз основа на Договорот од Преспа и правилата и традицијата на УЕФА“,
вели премиерот Заев за агенцијата.
Пред неколку дена министерот за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека Фудбалската федерација на Македонијанема обврска да го менува името односно да додава „Северна“ согласно Преспанскиот договор.
Тоа е така, објаснува шефот на дипломатијата, бидејќи ФФМ е непрофитна организација која не прима државни пари.
„Катимерини“ претходно објави дека грчкиот министер за спорт реагирал до претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, за кратенката ФФМ која стои на дресовите на нашите фудбалери за Европското првенство, како и дека шефот на грчката дипломатија испратил писмо и до Османи.
Во меѓувреме, Грција реагираше до УЕФА и за употребата на кратенката МКД, но УЕФА одговори дека тоа е во согласност со Преспанскиот договор.