„Катимерини“ претходно објави дека грчкиот министер за спорт реагирал до претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, за кратенката ФФМ која стои на дресовите на нашите фудбалери за Европското првенство, како и дека шефот на грчката дипломатија испратил писмо и до Османи
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) нема обврска да го менува името односно да додава „Северна“ согласно Преспанскиот договор, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Тоа е така, објаснува шефот на дипломатијата, бидејќи ФФМ е непрофитна организација која не прима државни пари.
„Фудбалската федерација на Македонија е независна и непрофитна организација која во централниот регистар е регистрирана како здружение кое не прима државни пари. Согласно Преспанскиот договор, прашањето за името е за институции, организации и здруженија кои примаат државни пари. Така што, сè додека не прима државни пари нема обврска да ги приспособи своето име“,
изјави Османи.
Изјавата на министерот доаѓа по новинарско прашање во врска со жалбата која ја испрати Грција до УЕФА непосредно пред стартот на Европското првенство на кое македонската репрезентација учествува за првпат. Како што објави „Катимерини“, грчкиот министер за спорт, Лефтерис Авгенакис, во жалбата до првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин, реагира за дресовите на нашите фудбалери на кои стои кратенката ФФМ. Иако Преспанскиот договор од 2018, пишува „Катимерини“, не утврдува јасни правила за употребата на кратенките, вообичаено е тие да кореспондираат со меѓународно признаеното име на една земја. Исто така, пишува медиумот, и министерот за надворешни работи, Никос Дендиас испратил писмо до Бујар Османи.
Шефот на дипломатијата денеска испрати порака дека Северна Македонија договорот бидејќи не сака да се собираат прашања кои потоа може да бидат пречка. За разлика од ФФМ, која нема обврска да го приспособува името, Османи потсетува дека изминатиот период е направен голем напредок во имплементацијата на договорот.
„Откако сум овде многу внимавам на Преспанскиот договор, бидејќи не сакам да се доведеме во ситуација затоа што тоа не е во фокус на интересот да се собираат прашања кои утре ќе станат пречка. Од прв ден имам направено работна група во Министерството. Направен е акциски план и на неделна основа таа група ми дава извештаи што е направено за имплементација на договорот. Можам да кажам дека се направени големи работи во овој период, од промена на името на Стопанската комора која сега е Стопанска комора на Република Северна Македонија. Министерството беше на улица која се вика ’Филип Втори Македонски‘, со промените кои ги направи Град Скопје и тука е направен исчекор, меѓутоа во рамките на Преспанскиот договор“,
изјави Османи.