Лидерот на СДСМ ги презентираше денеска економските мерки од партиската изборна програма за политиките што би ги спроведувала неговата можна нова влада во периодот до 2024 година
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска ја презентира економската програма за претстојните избори. Серијата мерки, според Заев, би биле дел од приоритетите во делот на економијата на идната влада на СДСМ.
„Во изминатите две години и девет месеци досега, преку одговорни и успешни економски политики, успеавме да ја извадиме државата од економскиот колапс во кој се наоѓаше и да ја поставиме економијата на здрави и реални основи. Платите растат во сите сектори, невработеноста е на историски минимум, рекордно високо е нивото на странски инвестиции, расте стандардот на граѓаните… Но нема да застанеме тука. Следуваат четири години за најголем скок на домашната економија“,
рече Заев на денешната презентација.
Просечната плата од 36 илјади денари…
Тој најави:
- Отворање 100 илјади нови работни места до крајот на можниот нов мандат во владата, односно до 2024 година;
- Зголемена поддршка за домашни и странски инвестиции, проектирана на 300 милиони евра до крајот на мандатот;
- Уште 300 милиони евра европска средства за развој на домашната економија;
- Понатамошно намалување на невработеноста на ниво под осум проценти, односно под 20 проценти кај младите;
- Просечна плата од 36 илјади денари и минимална плата од 18 илјади денари;
- За 20 отсто повисоки плати во здравството и во образованието;
- Продолжување на субвенционирањето за сите компании кои ќе ги зголемат платите од 600 до шест илјади денари по вработен
- Нула проценти персонален данок во ИТ-индустријата до 2023 година;
- Грантови и неповратни средства од пет до 15 илјади евра за млади и за жени за отворање сопствен бизнис;
- Поврат на персоналниот данок за сите нововработени до 29 години во првите две години.