Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, смета дека полициската акција во магацинот во Струмица, каде што се пакуваа пакети донација од неговото семејство, е со политичка цел, а кампањата која продолжила по упадот, според него, покажала дека станува збор за задача дадена од врхушката.
„Семејството Заеви и нашите фирми лично поминавме низ тие режимски сценарија, само се потсетивме на тоа. Верувам дека се свесни дека ваквите работи го потсетуваат и народот на режимот. Требаше веднаш да се осудат, но со самото тоа што продолжија цела една политичка хајка и кампања, покажа дека тоа доаѓа од врхушката. Партијата дава задача, мене тоа ми е јасно. Ќе ми беше полесно на душата ако некој поединец, командир, началник го направил тоа, но видов дека навистина е политички“,
рече Заев во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.
Ако беше целта да предизвикаат болка кај семејството Заеви, рече лидерот на СДСМ, кај него лично предизвикале.
„Човек за себе може да издржи сѐ, но тие млади деца кои волонтерски работат, во такви околности, да се држат до 5 часот изутрина со закани и уцени, да влезат без налог во приватен простор и притоа да направат проверки на целата работа која таму се подготвува повеќе од 30 дена, е навистина непријатно, мене ме потсети на годините на режимот“,
рече Заев.
Тој рече дека волонтерите ги пакуваат прехранбените продукти кои се донација од неговото семејство, а преку општинските и кризни штабови потоа се дистрибуираат до илјадници семејства во повеќе општини, „без разлика дали станува збор за левичарска или десничарска општина“.