Утре треба да се одржи прв работен состанок помеѓу експертските групи во Советот на ЕУ посветен на проширувањето, на кој ќе се разгледува нацрт-рамката за преговори со нашата земја
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, задутре
(среда) ќе оствари телефонски разговор со премиерот Зоран Заев, што ќе биде прв нивен официјален разговор по формирањето на новата Влада, јави МИА од Брисел.
Информацијата ја потврдиле и од Европската комисија.
Разговорот е можност за двајцата соговорници да ја повторат заложбата за засилено реформско темпо кон Европската Унија, со цел одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на оваа година, како што посакува германското претседателство. Првата меѓувладина конференција го означува официјалното отворање на преговорите за членство.
Според нацрт-агендата на германското претседателството, преговорите со Северна Македонија треба да бидат на дневен ред на министрите на ЕУ на ноемврискиот Совет за општи работи, кога конечно би се донела одлуката за отворање на првиот кластер поглавја.
Во меѓувреме, дипломатите на земјите членки на ЕУ работат на експертско ниво на Преговарачката рамка за Северна Македонија.
Европската комисија оваа рамка ја изготви на почетокот на летото и им ја испрати на земјите членки на усвојување, со можни измени, зависно од позициите на секоја од членките. За Северна Македонија е посебно важно да се задржи терминот „македонски јазик“ во оваа рамка, како што е веќе случај во нацрт-верзијата.
Северна Македонија е, исто така, во исчекување на редовниот извештај за реформскиот напредок, кој треба да биде објавен во првата половина на октомври.