Премиерот Зоран Заев, како и неколку пати досега, порача дека верува оти денови се во прашање кога ќе пристигнат првите вакцини и тврди дека како држава имаме преземено сè што е потребно, дури во нарачките сме надминале и бројка од 2 милиони дози, но проблем е во тоа што нема капацитет за производство на доволно вакцини.
„Имаме преземено дури и чекорите на линија на црвената граница во функција на количини, дури ако треба и да поминат количини кои нема да се употребат. Така беше последната нарачка за 100 000 вакцини на ’спутник В‘, имаме дуплирани нарачки од Кина, 200 по 200 000 вакцини, 800 000 преку механизмот Ковакс, 833 000 директно со ’Фајзер‘, договорите што ги имаме со ЕУ заради Западен Балкан. Кога ќе ги правите пресметките, поминуваме преку 2 милиони вакцини. Проценките беа милион, значи сме направиле сè што треба да направиме. Дефинитивно, недоволниот капацитет на продукција е причината за доцнењето“,
изјави Заев.
Тој вели дека последно се работи и со „Астра Зенека“ и верува дека ќе се утврдат нарачките и од оваа вакцина, а за следните денови очекува пристигнување на вакцините од „Фајзер“.
„Постапките од правен аспект министерот за здравство секој ден ги објаснува заради тоа што, на пример, ‘Фајзер’ најави дека прва вакцини ќе прими Албанија, па Северна Македонија, па Црна Гора, па Косово, па БиХ. Еве, во Албанија видовме стигнаа вакцините, овие денови очекуваме првите вакцини да стигнат и кај нас, но сето тоа е условено со бесконечен број прашања кои ги одговараме секој ден со правните служби од Министерството за здравство и од Владата за да ги забрзаме самите постапки“,
изјави Заев.